ОК ВардарКој е 15-годишникот кој крена трофеј за ОК Вардар во финалето на купот?

април 12, 2022

Македонската одбојка се подготвува за големите настани кои следат во нашата земја. На тоа работат и клубовите, со ангажирање на млади и перспективни одбојкари во првите тимови, а еден од нив е член на одбојкарскиот клуб Вардар.

15-годишниот Предраг Стојановиќ доби шанса да биде дел од првиот тим на завршницата во Купот на Македонија. ОК Вардар дојде до финалето, каде загуби од бранителот на титулата Струмица, но во тимот имаше едно младо име кое љубителите на одбојката првпат го видоа во ростерот.

Стојановиќ не доби минутажа во двата меча, но да се биде со најдобриот тим предводен од тренерот Марјан Трајковски за него беше едно незаборавно и големо искуство.

„Во изминатите шест години активно играв кошарка. Бев бек, но во школските лиги се пренасочив и почнав со одбојката. Марко Стошиќ Јуниор ме повика на еден пробен тренинг на Вардар и откако покажав голема желба, талент и ентузијазам, ме повикаа да работам со првиот тим. Пред нешто околу две недели се приклучив на Вардар и за првпат бев со тимот во Купот. За мене ова беше едно големо прво искуство кое засекогаш ќе го паметам. Многу ми значи поддршката која ја добив од поискусните, се надевам на први минути во лигата која ни следи“, ни изјави Стојановиќ.

Младиот одбојкар настапува на позицијата техничар, а иако не доби минутажа во Купот, како стимул за понатаму е потегот што од поискусните колеги доби шанса да го крене трофејот за освоеното второ место, истовремено заврши и на раце на луѓето во „црвено-црната“ опрема.

Предраг Стојановиќ е најмлад член на вардарци, а исто така беше и најмладиот учесник на завршницата која се играше во салата „Јасмин“ во Кавадарци.

 

 

 

 

извор: gol.mk