ОК ВардарНапнат меч, лоша арбитража = на пораз на ОК Вардар и во реваншот во Скопје со 3-1 против Шкендија за крај на сезоната!

април 25, 2022

И во реваншот во Скопје одбојкарите на Шкендија во контроверзен натпревар со многу лоша арбитража го совладаа ОК Вардар со 3-1 и со 2-0 во полуфиналето од одбојкарскиот плејоф изборија место во финалето каде ќе се сретнат со Струмица 47&72.

Со многу забелешки кон главниот судија на мечот во финишот на натпреварот ОК Вардар не сакаше да го продолжи мечот и беа спремни да се повлечат по неколкуте катастрофални одлуки во четвртиот сет.

Сепак нашите одбојкари не го направија тоа и го завршија достоинствено натпреварот и спречија поголем инцидент, а со тоа и заврши сезоната за црвено-црните во полуфиналето на плејофот откако со 2-0 беа поразени од Шкендија.

По тетовските 3:2, откако ОК Вардар испушти предност од 2-0, во Петровец Шкендија се радуваше со 3-1 во сетови (25:15, 25:17, 21:25, 25:16) и обезбеди настап во серијата за тронот којашто ќе трае најмалку три, а најмногу пет натпревари.

Мора да се напомене дека нашите одбојкари беа видно ослабени поради повредата на Филип Блажовски, па најпрво Димковски, а потоа и Ракша се обидоа да ја одиграат неговата улога, но приемот не беше на ниво, па вардарци не можеа да му парираат на ривалот, да израмнат на 1-1 во низата и да се изборат за мајсторка.

Финалето кај мажите ќе почне утре на теренот на Струмица 47&72, со пренос на МРТ-3 од 21 часот, а резултатите во тековната сезона, како и реномето на екипите, посочуваат дека бранителот на тронот и освојувач на годинашниот куп трофеј би требало да ја заврши работата со 3-0.