Одбојкарите на Вардар убедливо ја стартуваа новата сезона, триумфирајќи со 0-3 на гостувањето против Штип во рамките од стартното коло од Првата лига. „Црвено-црните“ влегоа во мечот како големи фаворити, целосно оправдувајќи ја оваа улога, со одлична игра во текот на трите сета стигнувајќи до првите бодови.
Вардар доминираше од самиот почеток, триумфирајќи во првиот сет со 25-13, дел од мечот во кој одлична игра прикажа младиот Оливер Куновски. Домаќините немаа шанса за поволен резултат ниту во вториот сет, кога благодарение на стандардно одличните Симовски и Илиев „црвено-црните“ славеа со 25-19.
Максималната победа беше запечатена со добро издание и во третиот сет, во кој нашите одбојкари триумфираа со 25-20, за успешен старт на новата натпреварувачка сезона.